You are currently viewing ЛУЛЕ НА МИРОТ

ЛУЛЕ НА МИРОТ

За чесните мисли и вртоглавост до најниската точка на смрзнување кога и сопствената кожа ја чувствувавме како оптегната маска со здрвен фацијалис. Од сериозните секојдневности и брчките под усни влечат кон падините на гравитациски синдром. Од горе и само надоле како тажни кловнови надвиснале длабоките размисли за нешта измислени и таа се препознава и врз маските кои ги навлекуваме што од навика, што од потреба дека сме пријатели на пријателите…

И најтежок е првиот впечаток додека умот фати течен изговор на сето обмислено или првиот тик како кратко обвиени образи кои навидум се спремни за добар гест во тесниот премин помеѓу збиени човечиња. Нејсе просторноста, за климата е друг зборот, и при лошо, насмевката свети, и при светлина, таа венее доколку мислата отсуствува посебно ведрата како свеж ветрец. Така и во обичен ден при позната музичка нумера, непознати чекори и во пластично не-мирисна градина може да се разбие пост-драмската структура на моментот на една дневна одисеја кога џагорот беше важен, кога мислата носеше одлуки. Сега во водата на езерскиот рај повторно се враќаме на тажните кловнови, душеци врз преполовена езерска шир и по некој камен на недоразбирање. И детето во својата невиност ја забележа тажната брановидност на ликовите на новото време.

Театарска бркотница без режирана позадина. Тоа остана од плажите и по некое ладно пивце помеѓу отпушоците на една пушачка нација. Цигари секако, а лулето на мирот, кај нас важи за дел од далечна приказна за црвената раса на оваа мачна планета. Децата на природата, земјопоседници без земја. Модерната Покахонтас убаво постои насликана зад вештачките порти на резерватот. Ние пак, сме најслатко раскажани низ народните приказни на славните борци, чии деца не сме, барем не по нарав.

Buy Me a Coffee