Минувајќи низ улиците на малиот градски круг, никаде спокојна состојба освен бучавата на уличниот метеж. Празните простори за социјална комуникација стегнати во изгубен лавиринт на општата економска занеменост и суштествено придонесуваа за голотијата на веќе тивките човечки апетити. И како што прашува Ролан Барт, „чуму вербален раскош во еден текст“,, овде би звучело, чуму музички раскош во еден град кога ниту расположението го следи, ниту умот го потхранува. А, зарем задача на еден уметник не е кобната потреба да создаде нешто што ќе причинува задоволство? Всушност зар може уметноста да се изостави како нешто непотребно низ политичките коридори на прегладнетост? Таа е мониторот на задоволство и обоена среќа која гради и доградува врз грдите невкусни шеги на градежното животно. Денес на уметничкото задоволство се гледа како на нешто што е наспроти интелектуалноста, на срцето наспроти главата, на чувството наспроти разум. Таа не смее да влегува во категорија на натпревар, таа е врвен и единствен промотор на културната свест и соживот на една географска слика. Кога таа е исплашена и заведена настануваат скршнувања во социјалниот правопис, говор без длабока мисла. Голи тела без културен простор на размена и емотивен континуитет. И се затоа што како што вели големиот Томас Хобс, стравот станува единствена страст во нашите животи. Се додека сме водени од таа злокобна емоција нашите глави ќе бидат спуштени пред мртва беседа и празни делувања. Додека младиот човек не погледне на културниот амбиент со почит и загриженост, дотогаш ќе владее состојбата на пуста музичка сцена и болежлива алтернативна креација на улицата. Зашто на крајот на краиштата, уметноста е крикот на промената, таа е силата на нашиот интеркултурен образ. Тоа е она што сме ние, нашата суштина.
