Платоновата идеја за убавото е претставена надвор од контекстот на времето или перспективата зашто убавото по себе не може да биде неубаво и е украсено со вредности на правдина и добрина. Термини кои денес можеме да ги прочитаме во книгите, но не и да ги сретнеме на улицата. Дали е тоа поради еден ист маѓепсан круг на неразбраност? Какви важни вредности влегуваат во промената на нашиот свет? Нашата етика која согорува како јагленот на новото време, на климатските измачувања. Всушност како на крстопатот на полубогот Херакле кој бил растргнат помеѓу жената наречена Среќа или Задоволство со лесен пат и исполнети желби и другата Доблест, со многу труд и мака кој носел исполнетост и почит, а со тоа и вистинска среќа. Во тој миг моралноста излегува зад кулисите со маска од вториот чин на театарска претстава и поставува прашање кон публиката: Зошто ни е потребна моралноста? Дали поради тоа што повеќе им служи на другите луѓе, а помалку нам самите зашто не дозволува угоден живот за сметка на искористувањето на другите луѓе? Таа е главен лик во Државата на Платон кој низ неа ни го нуди божественото совршенство, идејата за доброто, за праведноста, за образованието, за едно кралство кое постои не на земјата, но на небото и е модел и правило за човековиот живот. Во таа држава, човекот живее како доблесна и среќна личност . Истата слика која и денес го краси човекот, во мислите и соништата, на сликите и во поемите, низ песните и мелодиите. За да не ја заборавиме азбуката на доброто однесување и да не се вселиме во личноста на Медеја и нејзиниот нескротлив гнев зашто на земјата и се потребни единки низ кои гравитира љубовта во емотивен занес помеѓу цврстите тела и здравите карактери.
