You are currently viewing КАЛИГУЛА

КАЛИГУЛА

Деструктивниот карактер насекаде гледа патишта. Таму каде што има ѕидови и препреки, тој гледа пат и секогаш лежи среде раскрсници. Зад секој еден свиок не се знае што носи следниот. Тој не гледа урнатини, но расте низ нив, низ пробивот на видикот.  Како Калигула, страшниот садист кој ја предизвикува смртта на потресно рамниште и игра на сцената со побеснет дух на пот, крв и солзи. Лудоста лае како гладно куче пред портите на домот. Калигула брилира со суровоста на модерниот дух зашто чесниот човек е ретко и скапоцено суштество, вистина е. Предизвикот поставен на првата линија како обид да се избави душата низ револуционерна  дисциплина  во поетски контекст на егзистенцијални рефлексии. Денес во училниците имаме каталог на јунаци, верници во борбата за подобри грабежи. Но, инспиративниот бран на соништата се влечка во прав од човечки рушевини. И секој сака да предничи во рушењето, во ударот на чеканот, по патот по кој не врвел никој. „Да минам од таму“, вели човекот и да бидам прв во ништо, и единствен. И чевлите повеќе не се потребни, кога се може без влакна на јазикот, се може и бос по крвава земја. Во густата магла не се распознава ликот, но кој бара ликови? Деструкцијата ги руши старите композиции и создава простор за новите маневри, на црно или бело платно, мастилото заповеда, за сочувство.

Buy Me a Coffee