Животот на човекот со себеси. Генеза на поврзување и создавање трајни врски. Тој процес е како секој останат, на тивко спојување, на блиско-далечни сродства, на брзо-бавни трансформации, и илјада незабележителни соучесништва, на привидни промени на ликот кој расте, се пресоздава и згуснува во една поинаква и благородна личност, се надевам. Притоа во процесот се обидува да не се избрише самата себе во двосмислените игри на едно животно читање кое овозможува враќање кон чиста, исконска светлина на почетната идеја на постоењето. Секој еден, стар или млад, традиционален или модерен, просечен или девијантен, важно е да цели кон вистината како единствена која ја брка заблудата, како совест која се разбудила од последователни соништа, со создавање нови идентитетски форми на разубавен личен пејсаж, и кружи во широки групи, чекори по еден хоризонт на мисловна различност, се движи по глокални граници, и секако учествува во градење на една епоха, поинаква од останатите. Секоја индивидуа се отсликува како посебно дрво, со свои корења длабоко сместени во почвата, и гранки распослани кон светските страни и плодови на искусување. Таа живее покрај останатите дрва во широкото поле на културна ревност и е значајна во редовите на оригиналноста како потенцијална мајка на едно „откритие“. Секоја идеја родена од една или друга личност, во крошните на нејзината лична потрага. И затоа повеќе од неопходно е човекот да разговара со човека во својот телесен и ментален дом, да ја познава својата внатрешна организација со морална потреба за прифаќање на противречностите, промените, каењето, полемиките, навиките, потребите, љубовта и расправите, желбите и зборовите. Човечкиот свет во светот е најсветата работа на која личноста посветено мора да работи од почетокот до крајот зашто така создава место на здрави текстови и дела, испреплетена далечна блискост и блиска далечина кои го садат коренот на бујната духовна интелигенција. И притоа се раѓаат колективни димензии на поединечни биографии на една општа форма на свеста, на едно општество кое ја негува во себе традицијата, но ја вметнува во модерните хибридни обиди за културно прифаќање.
