You are currently viewing ПРОВОКАТИВНА ИМПОТЕНЦИЈА НА НОВАТА КУЛТУРА

ПРОВОКАТИВНА ИМПОТЕНЦИЈА НА НОВАТА КУЛТУРА

Уметноста во време на технички напредок ја губи постепено својата аура зашто вистинската култура се стреми кон хуманост и човечко совршенство. Таа станува загрозена од новите технологии во смисла на тоа дека техничката репродукција ја менува нејзината природа, и ги уништува веќе воспоставените претстави за време и простор со што човекот влегува во свет каде, во ист момент, во иста резонанца се случува се и во таков тотален ентитет тој е едно заробено суштество.  И вистина, уметноста останува слободна зона на прифаќање и отпор на начините на изразност помеѓу географските граници. Формирањето на културна јавност, од друга страна, сака активна културна комуникација и споделување креативни идеи. Самата идеја за културата стои како своевидно боиште во кое се нијансираат посебностите на поединците и нивните наследници како деца со здрави вредности, а борбата станува место за подобрување на интелектуалните и социјални капацитети на граѓанството. Но, новите зори бараат свежи канали на медиумска изразност и оставаат неизбришлива трага во општествената свест, но што е со човечката свест, нејзината рамнодушност и неутралност која се повеќе се проширува во глокалните текови на креирање култура?

 Основните начини на една современа размена ги рушат кодовите на бон тон хармонијата и создаваат тло за непотребен лаички натпревар во раздор и деградација. Тоа се актуелните постулати на домашна култура, добро синхронизирани со радикалните облици на опресија, нееднаквост и експлоатација. Во тој процес, се потиснува развојот на сериозната, висока култура за сметка на популарните трендови кои се прифаќаат бескомпромисно, и со погрешна идеологија за масовно консумирање на културата во гигантски размери. И така некогашната провокативна култура се претвора во корисно-импотентна култура според Адорно и централниот таргет од „свест-индивидуа“ се поместува на „свест-маса“ преку глобалниот процес на заведување на човечката популација. Притоа секој таканаречен „граѓанин“ преговара во посредувањето на сопствениот идентитетски материјал заради универзално сплотување со естетскиот дупликат. Како ликови без лични особености, славиме американизам на плодно балканско тло и последователно нашите човечки функции стануваат екстензија на брза и немилосрдна технолошка свест.

Buy Me a Coffee