You are currently viewing ТАНЦ ВО ОКОВИ  

ТАНЦ ВО ОКОВИ  

Понекогаш потребна е голема умешност за да го изразиме возвишеното на посебен уметнички начин. Стремеж да  ја дофатиме големината на мислата и силата на зборот, отмениот говор и стилистичките фигури преку една возвишена композиција дозволуваат да се создаде претстава во умот на примателот. Претстава на непретставливото, коренот на страста, на желбата да се има тоа што не се поседува, да се создава во меланхолија е често мотивот на најголемите креативни дела на творештвото. Или според Џорџ Штајнер: Внатре и надвор од човекот постои другоста на светот…, слепа судбина, премрежиња на пеколот, животински бес на нашата анимална крв. Тоа чека на нас во заседа на крстопатите. Не исмејува и не уништува. По пропаѓањето не води кон неразбирлив одмор.“ Затоа е важно да сме слободни во изразот, во обидот да го доловиме возвишеното чувство, ничеовски кажано, да создаваме притиснати под тежината и дури и во „окови да заиграме“.

Убавината на мноштвеноста, на симетријата, хармонијата спие во мигот на видувањето и најчесто е поробена од просечноста на околината или грубоста на доминантното арчење на креативниот капитал. Нашата стварност не може и не смее да се изработи според скиците на другиот, таа е единствен показател за суштината на едно битие и неговиот дотеран животен говор. Заградите на интуитивните моќи ги поставува домаќинот во своето уметничко претставување и никој друг.

Не создаваме за да бидеме допадливи.                                                                          

Создаваме за да искажаме.

 Дури и неповрзани со општоприфатено и очекувано, го славиме чедото на личниот творечки импулс. Тоа не врзува со себеси, со нашата маленкост, ранливост, нежност па дури и агресивност. Не претставува во најдлабоката исконска форма на земно постоење. И само нека биде низ игра, лична и неосвоена, со задоволство и во окови да се игра, ќе биде спасоносна за душата која љуби како оган.

Buy Me a Coffee