Зарем убавината на претходникот ги оправдува животните неприлики на мачното искачување? Зарем харизмата ја носи достојно титулата и по завршетокот на претставата или се се разводнува преку балканската почва на недоверие? Брат против брата беше паролата, нели? Мене тоа не ми беше познато, но го научив попатно. Се учиме по патот на кршењето на егото. Долго време имаше гнев и недоразбирање, но сега е мирна водата исто како и филмот. Големината само треба да се преполови за да не биде повеќе голема, на две помали. Чиста математика за водење другарски прибелешки. Но, во нашата крв немаше такви калкулации на пресметки и чудни баналности само мајчински инстинкт и сомнеж за предавство. И бидна, се оствари. Малата земја стана уште помала во своите дела. Еве украсени се делата на нејзиното тло со наследници кои скијаат на туѓи животни терени. Големи во сесрдноста, први во прославата зашто се што било и се што е започнува со нас, ние сме избраните организатори, преподобни во делата. Просто нескромност кај некои ликови води до онемување, а тоа ретко се случува. Зашто кога убаво ќе ги отвориме очите на понизноста се отвора нов свет на длабоки лекции. Лекции кои секое годишно време се повторуваат додека не ги научиме наизуст, доколку сакаме да ги научиме.
И најубавата фотографија е онаа со семејното дрво каде транспарентно се прикажани сите совршености и аномалии на грст експлозивни карактери. Голема чест да се созрева крај плодни добронамерни суштества. Заради нив, овој свет ечи во милион живи бои и говори со топли емотивни вибрации. Во сета исфорсирана бурност, во ноншалантна осаменост, животот го чувствувам на секој агол, во сечии очи, и под импресии на малите нешта.
Бадниковиот ден е посветен на вистината на почетокот, на таа радосна пештера во која започнуваат нашите приказни. Мојата продолжува каде нивната застана, со милни прегратки и топли гради.
Подготвена, тивко Ве поздравувам.
Христос се роди!
