You are currently viewing ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА

ЗЕМЈАТА НА ЧУДАТА

На средината на денот, меѓу реченото и кажаното, стои еден млад ум кој се крши од брановите на напливот. И тоа убива, и покрај жешкото сонце. Местото под крошните се наоѓа, но тешко и пополека како пролетно навестување на пријатната свежина, како шепот до увото кое начулено очекува нежност.

И не станува збор за подобро утре, станува збор за спокоен водостој на опкружувањето, за воздишка која утешува. И не треба премногу напор некого да сакаш, но само да ја почитуваш неговата целисходност на физичката и умствена територија, изразот на неговата (не)јасност па дури и хаотичниот начин на животно движење.  Не можеме да следиме правила на конкретни очекувања кои се косат со слободниот нагон како што не може да се кастрат растенија во време кое не е одредено за кастрење. Веројатно постои време за раст, за зрелост, време за одмор и време за љубење. За гнев, времето нема време. Грдото иако сестра на убавината, но сепак сите сакаме да се сретнеме во убавото, во уредената градина на занесот. Но, не на вештачките пумпи, на природниот тек.   А, поприродно нема од насмевката на детето, од неговата ненаметлива утеха, од силата на неговата нежност која ја стаписува и земјината оска во очите на една мајка, која низ вртлогот на животот го носи гранчето на нејзиното спасение, палмата при големиот влез. Истата палма која детето ја љубеше на сите игралишта кои впрочем беа нејзини животни боишта. Но, тој ја обои малку по малку, сликовницата на сивиот цртеж по кој се движеа тие уморни нозе. И наеднаш, се почувствува како Алиса во земјата на чудата, која не чека никого и ништо, која ја живее магијата на моментот, паднат и несовршен, но среќен.

И како беше, кој сака да дојде, секако е добредојден. Кој не сака, нека врви по патеката со своите цветни гранчиња. Моето венче од зелените ѕвончиња ме направија кралица во прегратката на малото момче, на една стара дрвена клупа во градскиот парк.

Tука продолжува приказната како бркотница по раскошните пеперутки.

Едно убаво лето…

Buy Me a Coffee