You are currently viewing Интеркултурна комуникација на танцови идентитети

Интеркултурна комуникација на танцови идентитети


Интеркултурна комуникација на танцови идентитети
е едно плодно теоретско истражување, кое ги опфаќа сегментите кои се однесуваат на теоретското појаснување на „универзалноста“ на танцовата комуникација, како и интеркултурните текови на хибридна сценска игра, започнувајќи од темата за убавото и уметноста, естетиката, танцот како невербална и телесна експресија, невербалниот говор на телото, па сè до интеркултурните форми на новата танцова комуникација. Во теоретскиот дел, се користи анализа на дискурс во теоретските парадигми како и литература од различни дисиплини и науки, и тоа: теорија на култура, социологија на култура, естетика на изведбата, основи на сценска игра, семиологија, историја на балетска уметност, естетика на игра, театарска антропологија, театрологија, интеркултурен театар, интеркултурна комуникација, интернационален перформанс.

Целта на оваа книга е насочена кон претставување на влијанието на универзалната препознатливост на танцовата азбука, како средство за интеркултурна комуникација во различни културни и национални контексти. „Универзалниот јазик“ на танцовата уметност составен од знаци, симболи, гестови, движења, успешно ја отсликуваат невербалната комуникација на различни култури. На тој начин, танцовата уметност во овој труд се третира како универзално средство за комуникација на глобалната сцена која ги надминува стереотипите и етноцентризмот.

Покрај анализата на дискурсот во теоретските парадигми како и литература од различни дисциплини и науки кои се користени во трудот, реализирани се и интервјуа со  македонски балетски уметници, костимографи, сценографи, балетски педагози, театролози и професори по балетска уметност, диригенти, режисери, модерни танчари и кореографи, балетски критичари, културни менаџери и балет-мајстори и кореографи за современ танц, а истовремено направена е и анализа на содржината на документарни филмови од балетската уметност како и документирани танцови дела изведени од  големи уметнички имиња на класичната и современата балетска игра.

Ова стручно дело е едно интересно и креативно патешествие во светот на танцот, тргнувајќи од првичните форми на танцова експресија до современи текови на постмодерната игра. Танцовата креација на сцената на глобализацијата е прикажана преку стилот и играта на различни светски кореографски имиња кои своевремено го одбележале светскиот тек на оваа сценска уметност. Структурата и текстот на делото се   лесно читливи и разбирливи за сите љубители на танцовата уметност, но и за сите оние кои немаат големи познавања од оваа област, што го прави широко достапен и интересен за јавноста. Оправдувањето или образложението за објавувањето на едно вакво дело лежи во потребата да ја вклучиме активно оваа сценска уметност во нашето секојдневие, да научиме да ја почитуваме и негуваме зашто таа е огледало на нашето постоење, на нашата духовна посебност. Целата вистина е преточена во зборовите на големиот балетски реформатор Жан Жорж Новер кој во 1670 година запишал: „Сликарството и танцот ја имаат предноста пред другите уметности, тие припаѓаат на сите земји и народи. Нивниот јазик ― е јазик на целиот свет, и нивното прифаќање е секаде исто“.

Buy Me a Coffee