You are currently viewing ГЛАДОТ НА САЛИЕРИ

ГЛАДОТ НА САЛИЕРИ

Дали секој од нас, повеќе или помалку го носи Салиери во својот код на однесување, во сржта на својата дуална природа? Дали секојдневно го осудуваме Моцарт во другиот човек, во огледалото на нашето постоење? Медиумот на соопштувањето го користиме на истиот лажлив начин превртувајќи ги придобивките на јазичната посебност и привилегираност како класична варијација на една сомничавост. Лоша форма на постоење со способен театарски речник и извежбани етиди. Слепата завист има свои начини на преживување и генерациска линија на истите разјарени вредности, рушење и бес на животната сцена. Постојано гладни, постојано жедни. Нашиот обарен облик во физичките димензии го ужива конформизмот за поголема порција признание. Исто како менталниот затвор на Салиери, сите молчешкум ги цртаме бесмртните контури на славата. Слава која и посмртната сенка ја закопа на маргините на постојана студена мрачност. И вистина така и ќе остане, Салиери скриениот уметник изгубен низ вечните илуминации на Моцартовите нотни записи, зашто правото кога ќе го освести своето потекло бара од личноста на поединецот да го призне и да го унапреди интересот на човештвото. Неговите творби го украсија врвот на уметничката историја на светот, пред и после Моцарт. Искушенијата ја лансираа неговата имагинација како бесценето наследство. Грабежот на личното добро, и денес продолжува да ја осквернува душата на обележаниот, кој и да е тој во времето на творење.  Салиери, од друга страна успеа да стане синоним за секојдневни кавги и ситни малверзации како обид за крунисување на празната човечност. Тој е нашата глад за големина и вечна слава. Но, мермерот не е прославен поради своето студенило, но поради отпорноста да ги дочува коските на алчните гладници.  

Buy Me a Coffee