You are currently viewing НОВИОТ ЧОВЕК

НОВИОТ ЧОВЕК

Дали да се има или да се биде? – праша Ерих Фром.

Во култура во која важи паролата „вреди милион долари“, како може да се посредува помеѓу поседувањето и битисувањето? Векот кој го живееме бара механичка, безживотна, моќна и уништувачка монета како привилегирана и неприродна потреба на човекот, но таква станува тогаш и внатрешната структура на духот, скаменета. Сиромаштијата звучно плаши како најголемо зло на животот (според големите аспирации на системот), а низ улиците страсно шетаме со распарталени духовни вредности, сиромашни до скелетот на нашето држење и под билбордите, празно втренчени во рекламата купете си пари, купете си среќа, купете си сочувство и грижливост.

Богатство натрупано по подрумите на нашата ограниченост, под лаванда и блага светлина лежат батериите на резервна среќа во полн ек. И да не снајде непредвидлива состојба ние сме опремени со дрангулии од славни мега компании. Во меѓувреме, за време на пладневниот ручек, грижата пак го разјадува лабилниот дух на „богати“ натегања, како што вели Екхарт:  немањето ништо, отвореноста и „празнотијата“ даваат вистинска снага која дозволува да се биде, а не да се има.

Во современиот бирократски и кибернетски индустријализам, човекот престанува да мисли, понудата е на маса отворена и достапна, тој е под магијата на тв – рекламите, политичките пропаганди и нездрави разговори кои го водат во една полусвесна состојба на губење чувство за реалност. Како матрикс на едно деноноќие, без голема акција на главниот актер. Мислењето се сведува на пари и размена, и се водат заклучоци без адекватни информации и критички осврт. Тоа важи и за луѓе и ситуации, сите имиња и артикли завршуваат како куп отпадоци во корпата под работната масичка на емотивниот робот. Додека се крчка модерната трпеза, можеме да си честитаме сограѓани, заради изгубениот компас и киселата атмосфера.

Buy Me a Coffee